Неплодност: што можеме да направиме сами?
Според мислењето на стручни лица при појава на компликации со плодноста кај околу 50 проценти од случаите можеме да дејствуваме сами.
Запознајте се со најчестите фактори за ризик од неплодност и причините за нивна појава, и со воведување на мали промени во начинот на живот обезбедете си најголема можна веројатност за брзо зачнување и без проблеми.
Главни фактори за ризик од неплодност:
- возраст
- исхрана
- физичка активност и телесна тежина
- стрес
- лоши навики
1. Возраст на парот
Иако современиот животен стил бара од нас многу прилагодување и одрекување, нашиот биолошки часовник останува непроменет. Поради тоа најважен фактор за ризик од неплодност е возраста на партнерите кои ќе се одлучат за потомство.
Возраста на двата партнери е важна, но сепак игра поголема улога кај понежниот пол бидејќи жените се раѓаат со одредена количина на јајце клетки чиј број во текот на животот постојано се намалува. Влијанието на возраста на преостанатата количина јајце клетки може јасно да се види на следниот график.
Графички приказ на бројот на преостанати јајце клетки според возраста на жената (по години). Преземено од литература бр. 3.
Научно е докажано дека жените се најплодни во своите дваесетти години. Меѓутоа, поради прилагодување на современиот начин на живот (развој на лична кариера, барање на соодветен партнер, решавање на станбено прашање, патувања и сл.) младите парови сѐ почесто го одложуваат планирањето на семејството се до возраст од околу 30 години па и повеќе
Плодност после 30 години
Жените во старосна доба од над триесет години се уште се доволно плодни, но од година во година можноста за зачнување без проблеми и безбедна бременост е сѐ помала бидејќи плодноста почнува рамномерно да се намалува веќе од 31 година. Според студиите, на жените им се препорачува го планираат семејството барем во раните триесетти години бидејќи нивната плодност почнува забрзано да се намалува околу 37 година. После таа возраст количината на јајце клетки и нивната геномска активност веќе не можат да се земаат здраво за готово.
Дали и мажите имаат биолошки часовник?
И кај мажите исто така со текот на годините се намалува плодноста, но тоа намалување не е така изразено како кај жените. Показателите на квалитет на спермата како што се подвижност и морфологија на сперматозоидите (облик и структура), како и количината на сперматозоиди во ејакулатот постепено се намалуваат после 20 година. Тие промени кај мажите во почетокот се многу суптилни (квалитетот на спермата се намалува за дел од процент на годишно ниво), но после 45 година мажите исто така имаат изразен пад на плодноста.
2. Исхрана
Хранливите состојки кои ги внесуваме, учествуваат во градба на сите клетки во нашиот организам, вклучувајќи ги и половите клетки.
Покрај одржување на општата здравствена состојба внесувањето на здрава, разновидна и непреработена храна исто така има позитивен ефект на плодноста кај одредени пациенти. Студиите откриваат дека жените со највисоки „оценки“ на плодност внесуваат повеќе протеини од растително потекло отколку протеини од животинско потекло, кои можат да содржат остатоци од хормони, разни антибиотици и други штетни материи.
Во однос на употребата на риба во исхраната, резултатите од истражувањата се поделени бидејќи рибата со послаб квалитет и производите од риба содржат остатоци од жива во себе. Поради содржината на омега-3 масни киселини со долг ланец сепак се препорачува употреба на производи од риба со проверен квалитет.
Што се однесува до мастите, за оптимална плодност се препорачува да се внесуваат незаситени масни киселини и да се избегнуваат транс-масни киселини. Резултатите од истражувањата покажуваат дека користење на млечни производи со висок процент на масти поволно влијае на плодноста кај жените во споредба со користење на млечни производи со мал процент на масти.
Покрај исхраната, медицината базирана на докази препорачува жените кои планираат зачнување да употребуваат и одредени витамини и минерали, од кои посебно се значајни:
- фолна киселина
- витамин Б12
- витамин Д
- железо
- омега-3 масни киселини (пред сѐ ДХА)
Меѓутоа, според истражувањата за машката неплодност се препорачува медитерански начин на исхрана, за кој е карактеристично внесување на морски плодови, месо од живина, интегрални житарици, како и свежо овошје и зеленчук. Таквата исхрана, истовремено богата со јагленихидрати, влакна, фолати и ликопен (силен антиоксиданс кој ја дава бојата на доматите), силно влијае на подобрување на квалитетот на спермата кај мажите.
Од друга страна, „нездравата“ или таканаречена „храна во западен стил“ богата со црвено и преработено месо, компири, колачи и засладени пијалаци го намалува квалитетот на спермата. Исто така на мажите не им се препорачува прекумерно внесување на протеини и масти во однос на јагленихидрати бидејќи таквиот однос штетно делува на плодноста. Транс-масните киселини исто така имаат неповолен ефект врз плодноста бидејќи го намалуваат квалитетот на спермата, ја намалуваат функцијата на тестисите и предизвикуваат намалување на нивото на тестостерон во организмот.
Изненадувачки е тоа што и нашиот стил на облекување исто така влијае на репродуктивното здравје и можната појава на неплодност. Ова посебно се однесува на машката популација, каде постои научно докажано мислење дека порастот на температура на скротумот негативно влијае на сперматогенезата (процес на созревање на сперматозоиди) и параметрите на сперматозоидите. Во неодамнешните истражувања кај мажи кои носеле тесна долна облека во текот на една година, а потоа во првата половина од годината преминале на носење комотна долна облека, откриено е намалување на релевантните параметри на спермата при носење на тесна долна облека за дури 50 проценти. Таквите резултати го потврдуваат негативното влијание при носење на тесна долна облека (најверојатно поради пораст на температурата), а истовремено сугерираат дека тоа влијание може да биде потполно елиминирано со носење на удобна облека.
3. Телесна тежина и физичка подготовка
Се препорачува одржување на нормална телесна тежина и умерена, но не и преголема физичка активност.
Како и за многу други аспекти од животот, така и за плодноста се препорачува одржување на ИТМ (индекс на телесна маса) во граници на моментално важечките интервали. Станува збор за вредност на ИТМ=18.5 долна граница на интервалот и вредност на ИТМ=25 горна граница на интервалот. Со сѐ побрзото темпо на живот поради кое ние се прилагодуваме на трендот за брза храна богата со калории или така наречена „утешна (feel-good)“ исхрана, вредностите за ИТМ кај двата пола се приближуваат или ја преминуваат горната граница на препорачана вредност на ИТМ. Како последица од тоа може да биде потребно подолго време за зачнување кај жените, како и понизок квалитет и концентрација на сперма кај мажите. Значајно е да се напомене и дека постојат докази кои ја поврзуваат гојазноста кај мажите со појавата на еректилна дисфункција.
Од друга страна пак, нема многу истражувања за проблеми настанати од екстремно ниска телесна тежина поради нејзината помала застапеност, но научниците веруваат дека нарушувањата во исхраната (анорексија, булимија) кои се манифестираат со опасно ниски вредности на ИТМ се многу штетни и го оневозможуваат процесот на зачнување бидејќи во такви ситуации организмот ја користи минималната расположлива енергијата што ја има за витални функции, во кои не спаѓа размножувањето.
Физичка активност
Телесната тежина на секој поединец е тесно поврзана со неговите навики за движење. И на жените и на мажите им се советува редовна, но не премногу интензивна физичка активност. Кај жените прекумерната активност може да ја наруши енергетската рамнотежа во организмот во негативен правец до таа мера да значајно влијае на репродуктивниот систем и да предизвика неправилности во менструалниот циклус. Кај мажите пак, научниците советуваат да избегнуваат долготрајно возење на велосипед бидејќи возењето велосипед подолго од 5 часа неделно негативно влијае на вкупниот број на сперматозоиди и нивната подвижност.
Од гледна точка за оптимизација на плодноста за двата пола се препорачува редовна физичка активност, најмалку три пати неделно по еден час.
4. Стрес
Непоканет гостин кој можеме ефикасно да го совладаме
Во денешно време стресот е наметнат како неопходно зло во современото друштво, па поради тоа совладувањето на стресот е пресудно во постигнување и одржување висок квалитет на секојдневен живот. Соочувањето со неплодност и нејзино решавање значи експоненцијално тешка и стресна ситуација поради:
- притисок од околината
- голем број на тестирања
- дијагностика
- терапија
- можност од неуспех
- неисполнување на желбата за семејство
Многу добра превентивна мерка пред и за време на планирање на семејство е воведување на соодветни методи за совладување на стресот (медитација, техники за опуштање, позитивно размислување, физичка активност) бидејќи стресот и депресијата според актуелните студии го намалуваат пулсирањето на тестостерон и ја нарушуваат функцијата на половите жлезди а со тоа се намалува излачувањето на сперма кај мажите. Меѓутоа, студиите кај жени го поврзуваат стресниот начин на живот со подолг период на обиди за зачнување во споредба со жени кои доживуваат помал стрес.
5. Малите пороци (лоши навики) можат да имаат сериозни последици: влијание на кофеинот, тутунот и алкохолот
За плодноста не се пресудни само хранливите материи, во предвид се земаат и другите материи кои ги внесуваме во организмот (тутун, алкохол, кофеин).
Кофеин
Во поглед на плодноста, кофеинот не е така безбеден како што го сметаме бидејќи студиите бележат негативно влијание од внесот на кофеин кај жените. Поголеми количини на кофеин, преку 500 мг на ден, се поврзуваат со продолжување на времето на зачнување од скоро 10 месеци. Треба да се напомене дека просечна шолја за кафе содржи околу 100 мг кофеин.
Пушење
Кај жените пушењето значително влијае на хормоналната рамнотежа во телото. Пример за хормон кој е под големо влијание од пушењето е FSH (фоликостимулирачки хормон); кај пушачи неговата концентрација може да се намали и до 30 проценти. Истражувањата кај жени исто така воочиле зависност меѓу пушењето и намалените резерви во јајниците (бројот и квалитетот на преостанатите јајце клетки). Кај мажи пак, кои пушат анализите на сперма покажале дека пушачите имаат помал број на сперматозоиди, помала подвижност на сперматозоидите и намалена густина на сперма во споредба со непушачите.
Алкохол
Како најпопуларна психоактивна супстанца и на изглед неизоставен дел од вечерното дружење алкохолот има бројни негативни влијанија на плодноста. Кај мажите предизвикува атрофија (разградување на ткиво) на тестисите, го намалува либидото и бројот на сперматозоиди. Кај жените точниот механизам на дејство на алкохолот врз репродуктивниот систем не е истражен во целост, но врската меѓу внесувањето на алкохол и намалената плодност е добро утврдена во здравствените кругови. Истражувањата покажуваат дека дури и повремено пиење алкохол (1 единица дневно) го продолжува времето на зачнување и ја намалува можноста за раѓање на здраво дете.
Литература:
- Sharma R, Biedenharn KR, Fedor JM, Agarwal A. Lifestyle factors and reproductive health: taking control of your fertility. Reprod Biol Endocrinol. 2013;11:66. Published 2013 Jul 16.
- Liu K, Case A; REPRODUCTIVE ENDOCRINOLOGY AND INFERTILITY COMMITTEE. Advanced reproductive age and fertility. J Obstet Gynaecol Can. 2011 Nov;33(11):1165-1175.
- Te Velde ER, Scheffer GJ, Dorland M, Broekmans FJ, Fauser BC. Developmental and endocrine aspects of normal ovarian aging. Mol Cell Endocrinol. 1998 Oct 25;145(1-2):67-73.
- Gaskins AJ, Chavarro JE. Diet and fertility: a review. Am J Obstet Gynecol. 2018;218(4):379-389.
- Chiu YH, Chavarro JE, Souter I. Diet and female fertility: doctor, what should I eat? Fertil Steril. 2018 Sep;110(4):560-569.