Како и зошто психолошки да се подготвите за породување
Кога ќе се спомене поимот породување, сигурно кај Вас предизвикува неколку различни емоции: радост, страв, воодушевување и немир. Сите овие емоции се нормални и вообичаени и нема ништо лошо доколку истите се присутни. Тие се последица од фактот дека на интернет, но и меѓу пријателите можете да најдете и добиете различни совети и искуства кои мајките ги споделуваат за породувањето. Без разлика дали искуствата се позитивни или негативни, запомнете дека секое од нив е посебно и уникатно.
Во заедницата, раѓањето на дете се смета за еден од најубавите моменти во животот. Секако, доаѓањето на бебето е прекрасен момент, но за многу бремени жени тоа претставува момент од кој многу се плашат. Стравот од породување и анксиозноста се често присутни во текот на бременоста и затоа е добро да се познаваат техники кои можат да се користат за нивно спречување или за нивно намалување.
Од голема важност е да сте добро информирани за текот на породувањето. На тој начин ќе знаете што Ве чека, а за тоа можете да се подготвите психички и физички. Овој пат ќе се сконцентрираме на психолошката спремност на мајките, која може да влијае на бројни фактори.
6 совети за полесно породување
Во светот, но и кај нас, се повеќе се користат психолошки подготовки за породување кои можат да бидат функционални сами или во комбинација со лекови. Нивната најголема предност е дека можат да се прилагодат, бидејќи секоја бремена жена може да одбере техники кои најмногу и одговараат.
Тренингот има многу предности и ќе ги наброиме оние кои се најчести:
- пократко времетраење на породување
- полесно доживување на болката
- фокусирано следење на болката
- полесно опуштање
- фокус на позитивните мисли
- формирана стратегија за породување
Најдобро е прво да разговарате со својот лекар или гинеколог за техниките на психолошката подготовка, но секако не е од штета и да се информирате сами. Во продолжение наведовме само неколку начини на подготовка, но се разбира ги има уште многу.
1. Информирајте се
Во периодот на бременоста добивате многу совети за текот на породувањето, мајките ги споделуваат своите искуства од породилиштето, а на блоговите и интернет платформите сте пронашле доста различни податоци за породувањето. Факт е дека за секоја мајка породувањето е сосема различно и не постои само еден совет кој ќе Ви помогне најдобро да се подготвите. Секако помага пред самото породување добро да се информирате за сите фактори кои го придружуваат.
Бидете добро информирани првенствено за постапките со кои ќе се соочите-како да реагирате кога ќе започнат болките, кога да се отиде во породилиште и што се Ви е потребно кога ќе пристигнете, кои емоции ќе Ве преплават и начините на релаксирање кои ќе Ви помогнат за ублажување на болките. Кога ќе бидете информирани, знаете што Ве очекува и помалку ќе се плашите од породувањето.
2. Положби за време на породувањето
Покрај информациите за постапките и за емоциите кои го следат одењето во породилиште, добро е да ги познавате и различните положби за време на породувањето. Покрај традиционалната лежечка положба постојат и многу други кои ќе Ви ги ублажат болките и забрзаат породувањето. Дознајте ги на време и вежбајте дома за да во породилиштето знаете како сакате да родите.
Покрај познавањата на положбите за време на породувањето, добро е да ги познавате и различните положби кои ги ублажуваат болките пред породувањето, а можат и да го забрзаат породувањето. Лежење на страна, движење околу креветот и седење во положба која може да ја подобри состојбата пред породување. Соберете информации за предностите на секоја од нив и испробајте ги во Вашиот дом. Сето ова ќе Ви овозможи да на персоналот кој работи во породилиштето му кажете што Ви одговара и што може најдобро да Ви помогне.
3. Визуелизација
Визуелизација претставува техника која комбинира медитација со психолошки поими или слики кои секојдневно ги користиме за постигнување на цели. Идните мајки можат да ја користат и како метода за подготовка за породување. За време на визуелизацијата концентрирајте се на текот на породувањето кој треба да биде краток и лесен, како и на своето доживување на самото породување. Со оваа техника можете да ги вежбате и мислите или изјавите кои ќе Ви помогнат да ја совладате болката или барем да ја намалите.
За да визуелизацијата функционира за време на породувањето, важно е да вежбате пред одењето во породилиште. Најдете мирно место на кое ќе се чувствувате сигурно и релаксирано. Потрудете се да се визуелизирате во породилиштето, породувањето, да го визуелизирате Вашето тело за време и по породувањето. Доколку за време на визуелизацијата бидете истрајни, подоцна ќе Ви биде полесно. Тоа ќе Ве направи посигурни и спремни за тоа што Ве очекува.
4. Најдете партнер кој ќе Ви помогне при породувањето
Што се однесува до психолошката подготовка за породување, добро е да се знае на кого можете да се потпрете. Емоционалната поддршка на избраниот партнер не само што го олеснува породувањето, туку помага и за време на бременоста, па затоа е важно да ја одберете вистинската личност за поддршка. Тоа може да биде Вашиот животен сопатник, Вашиот родител, добра пријателка или доула (личност која пружа помош за време на породувањето). Чувството дека покрај себе ја имате личноста на која можете да и верувате, која Ви помага и Ви нуди емоционална поддршка, може да ги намали стравот и потешкотиите. Истражувањата покажале дека добрата емоционална поддршка од саканата личност има директен позитивен ефект на психосоцијалното искуство за време на бременоста, а подоцна и во мајчинството.
5. Хипноза
Во последните години хипнозата е повторно популарна како психолошка подготовка, најчесто поради подобра психолошка спремност на мајката и нејзините активности пред породувањето. Хипноза е техника на релаксирање во која бремените жени постигнуваат состојба на зголемено внимание и фокусираност, а истовремено се занемаруваат негативните мисли и грижи.
Во неколку испитувања хипнозата е докажана како метода за сигурен и природен облик на породување и не одзема повеќе време од останатите курсеви кои се организираат пред породувањето. Се препорачуваат 3-5 терапии од кои ќе научите како да се релаксирате, да ја намалите перцепцијата на болката и да се ослободите од стравот од породување. Стекнатото знаење можете да го примените и покасно во различни животни ситуации.
Предности на хипнозата:
- помалку компликации за време на породувањето
- помала потреба за епидурална анестезија
- поголемо учество на мајката при породувањето
- поголемо задоволство за време на породувањето
- позитивно породилно искуство
- помала исцрпеност
- пократко и помалку болно породување
- пократок престој во породилиште
6. Техники на дишење
Техниките на дишење долго време се користат како начин на опуштање и концентрација и се многу популарни помеѓу бремените жени. За нив можете да дознаете и во училиште за родители. Можеби ќе Ви звучи чудно, но неправилното дишење може да Ви го отежне породувањето и неговиот тек. Затоа пред да одите во породилиште погледнете ги различните техники, испробајте ги во Вашиот дом и одберете која на Вас најмногу ќе Ви одговара.
Техники на дишење:
- Длабоко дишење: едно длабоко вдишување од стомак преку нос Ви овозможува поголем проток на кислород и Ве опушта. Можете да го користите за време на породувањето.
- Фокусна точка: потрудете се да пронајдете една точка на која ќе се концентрирате и дишете полека. Точката може да биде предмет или личност, но можете да ги затворите очите и да си замислите некој сигурен простор кој Ве смирува.
- Збор: Одберете збор или израз кој ќе го кажувате на секое вдишување и издишување. Нека биде тоа мотивациски или стимулирачки збор кој ќе можете лесно да го запомнете.
- Броење: Додека дишете, можете да си помогнете со броење. Најпрво вдишете и бројте до 4, потоа бројте до 4 и издишете. Тоа ќе Ви помогне да се опуштите и да го смирите дишењето.
Постојат повеќе начини на психолошки подготовки. Одвојте време и информирајте се за се што се случува за време на породувањето како би можеле да си одберете метода која најмногу Ви одговара. Психолошката подготвеност ќе Ви го олесни породувањето, но можете да одберете и породување без претходна психолошка подготовка. Знаете како: секоја мајка знае што е најдобро за неа.
Извори:
- https://ntmconline.net/how-to-prepare-for-delivering-a-baby/
- https://pubmed.ncbi.nlm.nih.gov/8085542/
- https://pubmed.ncbi.nlm.nih.gov/19234965/
- https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pmc/articles/PMC6767938/
- https://www.nosecka.net/porod-s-pomocjo-hipnoze/
- https://www.beaumont.org/treatments/breathing-exercises-visualization