Исхрана за време на бременост
Здравата исхрана влијае на здравјето и добрата општа состојба на организмот во сите периоди од животот, особено во бременоста кога има забрзан трансфер на хранливи материи од телото на бремената жена кон фетусот, со цел снабдување со сите потребни хранливи материи. Затоа е исклучително важно за бремената жена да ја прилагоди својата исхрана кон зголемената потреба за хранливи материи.
Табела 2: Препораки за исхрана кај бремени жени споредени со препораките за возрасни жени во генеративен период (DACH, 2000)
Нутриенти | Возрасна жена | Бременост по 4-от месец |
Енергија (kcal/дневно) | 2300 | 2600 |
Вода (ml) | 2270 | 2360 |
Протеини (g) | 86 | 98 |
Калциум (mg) | 800 | 1200 |
Железо (mg) | 15 | 30 |
Фолат (µg) | 400 | 600 |
Витамин B12 (µg) | 2,0 | 2,2 |
Витамин Д (IE) | 400 | 400 |
Јод (µg) | 200 | 220 |
Фолна киселина (фолат)
Фолат е заеднички поим кој се користи за различни витамински соединенија со карактеристики на фолна киселина. Фолна киселина (птероилмоноглутаминска киселина или PGA) е најстабилен облик на витамин со највисок степен на оксидација кој се апсорбира во 90% и повеќе. При зголемени концентрации во додатоци на храна и лекови, се користи исклучиво во синтетичка форма. Фолатите треба да се разликуваат од фолната киселина. Апсорпцијата на фолати од исхраната е само 50%. Количината на фолати во храната се изразува како еквивалент на фолати; притоа 1 μg еквивалент на фолати значи 1 μg фолат од храната = 0,5 μg синтетичка фолна киселина (PGA).
Добар извор на фолати се поголемиот дел од овошјето (портокали, грозје) и зеленчукот (особено домати, зелка, спанаќ, краставици), пилешко, риба, интегрален леб и пецива, млеко и млечни производи, некои видови на сирење, јајца и пченични никулци. Исхраната богата со фолати содржи просечно 300 µg дневен внес на фолати, што приближно ги задоволува дневните потреби на возрасна жена. Со небалансирана или неправилна исхрана, невозможно е да се обезбедат сите дневни потреби за фолати.
Денес, неспорно се докажани заштитно - медицинските препораки за фармаколошко внесување додатоци во исхраната во облик на фолна киселина за да се спречи оштетувањето на невралната цевка. Жените кои планираат бременост веќе четири месеци пред бременоста треба да земат 400 µg фолна киселина на ден како додаток во исхраната и да продолжат со редовна употреба за да спречат оштетување на невралната цевка во првата третина од бременоста.
Потребата за фолна киселина повторно се зголемува кај мајките што дојат поради искористеноста на фолати со млекото (80 µg). Фолатите се врзуваат за протеините во млекото и во таков облик многу добро се апсорбираат и ги задоволуваат потребите на новороденчето за фолна киселина. Ако се земат предвид зголемените потреби на мајката што дои, се препорачува додавање на најмалку 200 µg фолна киселина во форма на додаток во исхраната.
Европска агенција за безбедност на храна(EFSA):
Внесувањето на фолна киселина го зголемува нивото на фолати кај бремени жени. Ниските нивоа на фолати кај бремени жени значат ризик фактор за оштетување на невралната цевка кај фетусот во развој.
Енергија
Потребите за енергија се зголемени, а се засноваат на претпоставката дека бременоста трае 250 дена од зачнувањето. Во тој период бремените жени ќе потрошат во просек 80.000 kcal. Во првиот триместар, нема зголемена потреба за енергија и е иста како кај возрасна жена. Во вториот и третиот триместар енергетскиот внес треба да се зголеми за дополнителни 300 kcal / дневно. Препорачаниот сооднос на главните хранливи материи е еднаков на препораките за здрава избалансирана исхрана во која 50-60% од енергетските потреби се исполнети со јаглехидрати, 20-35% масти и 10-20% протеини.
Јаглехидрати
Предност во исхраната им даваме на сложените јаглехидрати кои се богати со диететски влакна (интегрален леб, тестенини, необработен ориз...) во однос на простите јаглехидрати (бел леб, шеќер, слатки...). Важен извор на јаглехидрати, витамини и минерали се свежото овошје и зеленчук. Некои бремени жени конзумираат овошје и зеленчук без ограничување, свежи или варени. За да се обезбеди доволна количина на витамини и минерали во балансираната дневна исхрана на бремена жена, исхраната треба да содржи најмалку 3 до 5 порции зеленчук и 2 до 4 порции овошје, или со други зборови 100-300 g зеленчук и иста количина овошје. Поголемиот дел од храната треба да биде сирова(салати).
Протеини
Во бременоста потребата за протеини се зголемува дури по четвртиот месец (табела 2). Исхраната треба да содржи 1 g протеин/ kg телесна маса на ден. Затоа, треба да се додадат 15 до 20 g протеини во дневната исхрана. Потребна е доволна количина на протеини поради зголемувањето на ткивото на мајката и за непречен оптимален раст на фетусот. Внесот на протеини директно влијае на тежината на новороденчето.
Масти
Во бременоста, внесот на масти може да се зголеми на 35% од енергетската вредност. Сепак, составот на мастите е исто така важен.
Во исхраната препорачуваме:
- 10 % заситени масти (месо и месни производи, млеко и млечни производи),
- 10 % мононезаситени масти (масло од репка, маслиново, сончогледово, пченкарно масло) и
- 10–15 % полинезаситени масти (морска риба).
При мешовита исхрана конзумираме премногу заситени масти и премалку полинезаситени масти (омега-3 масти), кои се важни за развојот на мозокот кај доенчињата. Есенцијалните масни киселини (ЕПА – еикозапентаенска масна киселина, ДХА – докозахексаеноична масна киселина, АХА – арахидонска масна киселина) имаат големо биолошко значење во пренаталниот период и за време на бременоста и доењето. Омега-3 масните киселини се есенцијални масни киселини, што значи дека мора да се грижиме за нивниот соодветен внес со правилна исхрана. ДХА и АХА се основни компоненти на структурните липиди на феталниот мозок.
ДХА се наоѓа исклучиво во морската риба (омега-3 масти). Различниот внес на одредени масни киселини со исхраната се рефлектира во составот на мајчиното млеко. За доволно внесување на омега-3 масти, се препорачува редовно внесување на житарици, јаткасти плодови, мешунки, зелен зеленчук и морска риба (лосос, скуша) најмалку двапати неделно.
Омега-3 масни киселини ДХА
ДХА е главна структурна масна киселина во човечкиот мозок и очи, што значи дека приближно 97% од омега-3 масните киселини се наоѓаат во мозокот и 93% од сите омега-3 масни киселини во мрежницата. ДХА е многу значајна за развојот на мозокот и мрежницата на фетусот во третиот триместар од бременоста и до 18-тиот месец од животот на детето.
Природни извори се првенствено риби од ладните мориња (лосос, туна, бакалар, сардини) како и ленено семе и ореви. Сепак, поради брзото темпо на живот, јадеме премногу преработена храна, а премалку свежа храна и риба. Резултатот е намален внес на омега-3 масни киселини. За оптимален ефект, кај бремените жени и доилките се препорачува да земаат најмалку 200 mg ДХА дневно.
Европска агенција за безбедност на храна (EFSA):
Внесот на докозахексаеноичната киселина (ДХА) преку мајката помага во нормалниот развој на:
- видот кај новороденчињата до 12-от месец
- очите кај фетусот и доенчето доено со мајчино млеко
- мозокот кај фетусот и доенчето доено со мајчино млеко
Железо
Железото е минерал кој придонесува за нормално создавање на црвени крвни клетки и хемоглобин и функционирање на некои ензими. Придонесува за нормален транспорт на кислород во плацентата и клетките. Адекватното снабдување со железо за време на бременоста е многу важно.
Во бременоста, од една страна, нема менструална загуба на крв, а од друга страна, на фетусот дополнително му требаат околу 300 mg железо, плацентата околу 50 mg и на зголемениот волумен на мајката околу 450 mg железо. Така, во бременоста, потребен е вкупен просечен внес на 30 mg железо на ден, кој не може да се постигне преку исхрана. Затоа, по 12-та недела од бременоста (почеток на вториот триместар), треба да се зема железо во облик на додатоци во исхраната во количина од 30 мг / ден. Нискиот внес на железо и фолати е поврзан со предвремено раѓање и застој во развојот на фетусот во матката.
Европска агенција за безбедност на храна (EFSA):
Железото придонесува за нормално создавање на црвени крвни клетки и хемоглобин.